Во врска со најавениот проект за изградба на автопатски делници од Коридорите 8
и 10д во Македонија, Друштвото за патишта на Република Македонија сакајќи да даде свој стручен придонес во реализацијата на проектот одржа Научно – стручна
дебата на тема:
“Искуства и предизвици при проектирање, изградба и одржување
на патната инфраструктура“

Имајќи ја во предвид актуелната ситуација со започнувањето на најголемиот инфраструктурен проект од осамостојувањето на Република Македонија до денес, Друштвото за патишта на Република Македонија (ДПМ) како стручна асоцијација на градежните инженери по патишта, со цел за добивање на дополнителни сознанија и информации со овој значаен проект, на 2 октомври 2023 година организираше Научно - стручна дебата на тема: „Искуства и предизвици при проектирање, изградба и одржување на патната инфраструктура“.
Идејата на настанот беше да се продискутира за патиштата и претстојниот проект од научно – стручен аспект, на кој ќе се даде стручен осврт на реализацијата на овој проект од повеќе аспекти и тоа состојба на легислативата поврзана со проектирање, изградба и одржување.
Всушност, ова беше прва дебата со научно стручен пристап и анализа на проектот од инженерската фела кај нас, за разлика од дотогашните исклучиво политички дискусии во јавноста.
Настанот го отвори Претседателот на ДПМ проф. д-р Горан Мијоски кој што истакна дека ДПМ како стручна институција од областа на патиштата, како и градежните инженери по патишта мора активно да бидат вклучени во актуелниот момент на планирање, проектирање, градење и одржување на патиштата.
Потоа свое излагање имаше проф. д-р Горан Марковски - Декан на Градежниот факултет, кој кажа дека во актуелниот момент на реализација на овој досега најголем инфраструктурен проект од осамостојувањето на Македонија, треба позначајно да биде вклучен и Градежниот факултет, а дека реализацијата на проектот ќе придонесе и за севкупен развој на патната инфраструктура и државата. Тој истотака го истакна намалувањето на бројот на студенти на факултетот, што може да претставува сериозен проблем со недостаток на стручен кадар, имајќи во предвид дека и дел од вака малиот број на студенти ќе заминат на работа вон Македонија.

Г-дин Костадин Ацески - Директор на ЈП „Македонијапат“ – Скопје, се обрати на присутните и говореше за тековните проблеми, а изнесе и предлог решенија од полето на одржување на патиштата, кои ќе придонесат за подобрување на состојбата во оваа област.
Директорот на ЈПДП г-дин Ејуп Рустеми во воведот од своето излагање истакна дека: „Нема подобар начин за согледување на состојбите и за изнаоѓање солуции од заедничка и широка дебата на сите засегнати. Добро е што денеска сме сите тука, заедно, почнувајќи од најважните - инженерите, стручните лица, професорите, но и сите ние останати кои што сме директно инволвирани во процесот на проектирање и изградба на патиштата“. Директорот Рустеми нагласи дека оваа стручна дебата доаѓа во вистински момент при што искрено се заблагодари за организацијата на ДПМ, кога кај нас во државата се случува голема градежна офанзива и се работи на неколку важни проекти во патната инфраструктура, како што се Коридорот 8 и Коридорот 10 д, како и неколку други големи проекти за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе делници во патната инфраструктура.
На крај се обрати Министерот за транспорт и врски, г-дин Благој Бочварски, кој говореше за новиот концепт на реализација на капиталните проекти во областа на патната инфраструктура и предностите што тој ги има во однос на досегашниот применуван - класичен начин на проектирање па градење. Меѓу другото тој истакна дека: „Преку овој подобар и поефикасен концепт ќе дојдеме до изградба на европски, модерни патишта, кои се побезбедни и се реализираат според европските стандарди. Друга алтернатива освен доизградба на европските коридори немаме, мораме заеднички да ги надминеме предизвиците и да градиме патна инфраструктура која ќе обезбеди посилна економија и развој на државата“.

По официјалните обраќања, се разви плодна дискусија и од страна на присутните градежни инженери – „патари“, се поставија голем број на суштински технички прашања, на кои официјалните лица даваа одговори и се обидоа да го објаснат проектор и презентираат пред присутните.
На оваа дебата за првпат јавно беше истакнато дека постои изработена студија од страна на Градежниот факултет која е основа за Договорот за изградба на автопатиштата, но за жал не се презентираше нејзината содржина, ниту заклучоци и препораки, а до ден денес остана енигма кој се учествувал во неа. Со оглед на нетранспарентноста на подготовката на студијата, како и тоа дека на неа се базира целиот договор, за неа допрва ќе се дискутира.
Од поинтересните прашања по кои се разви дискусија беа за попречниот профил на идните автопатишта, ширината на возните ленти и брзината за која ќе се проектираат. Беше истакнато дека во 21 век е несфатливо да проектираме автопатишта за максимална брзина од 80, 110 и 120 km/h, кога според нашиот закон максималната брзина е 130 km/h, а некои земји одамна веќе проектираат и градат за 140 km/h.

Исто така беш поставено интересно прашање за изборот на траси на делниците „Тетово - Гостивар“ и „Гостивар - Букојчани“, а беа дадени и сугестии за превенирање на можните проблеми.
Особено се разви дискусија по штурите информации во јавноста, за изградбата на автопатот преку планинскиот превој Стража, кој се наоѓа на 1.212 мнв. Едноставно, ова е највисокиот патен планински превој и воедно најпроблематичен во зимски услови и со ова ниво на организација и механизација, прашање е како би функционирал сообраќајот во периодот на зимско одржување.
Дополнителен проблем би претставувале и надолжните наклони на автопатот, како и брзината за движење, поради поголемите надолжни наклони би се јавила и потреба од лента за тешки товарни (бавни) возила. Секако дека при една сериозна споредбена анализа на двете варијантни решенија (без и со тунел), треба да се земе во предвид и поголемата развиеност на трасата, односно поголема должина и површина на автопатот, како и потрошувачката на енергија за совладување на тие наклони при искачување (нагорнина) и спуштање (надолнина) на тешките товарни возила. При оваа споредбена анализа не смеат да се занемарат и финансиските средства за зимско и редовно одржување на оваа делница во периодот на експлоатација. Всушност поскапа траса е онаа, која не може да фунционира во зимски услови.
Нелогично е за идниот регионален или магистрален пат за поврзување на Тетово со Призрен да се планира тунел во должина од околу 6 km, а за автопатот тоа да е неприфатливо решение. Впрочем и на автопатот „Кичево - Охрид“ кој е во изградба, кај планинскиот превој Пресека (1.082 мнв) кој е на помала висина од Стража, изграден е тунел. Надлежните ветија дека ќе ја разгледаат уште еднаш оваа варијанта, со цел да се добие поквалитетно решение.
По исцрпување на дискусиите, Претседателот на ДПМ ја затвори дебатата. На дебатата имаше повеќе од 120 учесници, од сите области на патоградбата – планирање, проектирање и градење. Очигледно дебата побуди голем интерес меѓу патарите, бидејќи присутни беа сите нешто што значат во областа на патиштата, почнувајќи од професори, инженери, директори, проектанти и др.
Општ впечаток на присутните беше дека недостасувала ваков вид на дебата меѓу стручната јавност, затоа што дотогаш сите информации за овој Мега проект беа добиени од медиумите. Успешноста на оваа научно стручна дебата говори дека патните администрации во нашата држава треба пред носењето на крупни одлуки да го респектираат мислењето на експертската јавност и многу порано самите да иницираат вакви дебати, со цел за носење на правилни одлуки во интерес на државата и граѓаните на Македонија.